Euro Colleague
Bucen Kozjak

Куманово во новата година

Дејан Ристов

Ја испративме и 2016-та година. Година гледано од политички аспект, полна со тензии нервоза и горчина, но и во целост животот повеќе или помалку беше обременет со политичките превирања во нашата држава. Разни пророци на апокалиптични сценарија, груби манипулатори и сеачи на магла беа главните аниматори во политичкиот простор.

Нивното деструктивно однесуваање кулминираше во 2016-та година и успеа да не заглави на дното на безизлезноста од политичката криза во која сите страдаме. Куманово не остана имуно на овие случувања. Како најголема и мошне значајна општина, уште од самиот почеток беше вовлечена во вителот на “Шарената револуција”. На крајот на годината дочекавме и предвремени парламентарни избори. Претходно имаше две одложувања, најпрвин на 24-ти април, потоа на 5-ти јуни за да конечно на 11-ти декември се одржат изборите на кои граѓаните како и секогаш на најдостоинствен начин кажаа што мислат за моменталната политичка понуда. Во новата година Куманово влегува со многу прашања меѓу кои е и-Како да се излезе од оваа незавидна состојба во која со години се наоѓа? Ништо не се менува со години, а според многумина кои се наоѓаат оправдано во состојба на очај и апатија, не се очекуваат некакви посебни промени. Една иста гарнитура предводена од СДСМ веќе со децении управува со градот и е најодговорна за неверојатно лошата состојба во Куманово. Како никогаш до сега, акумулираните проблеми и огромната низа од штетни одлуки, станале толку тежок товар, на кој е запишана сметката за многуте години неодговорно и криминално работењe врз грбот на кумановци. Големите нарации за слобода, еднаквост и социјална правда уште од почетокот на “револуцијата” беа само пропагандна алатка на опозицијата за да анимира што поголем број на граѓани во нивната борба против “режимот”.

Како поминува времето се повеќе станува јасно во Куманово дека и последниве избори, за градот не донесоа ништо подобро,само нервоза,тензии и политички антагонизам кој уште повеќе ја загрозува иднината на градот. Откако ја снема изборната еуфорија повторно настапи суровата реалност во градот, кој е оставен сам на себе. Она што воодушевува е и покрај неверојатната кампања, сите овие две ипол години на секојдневни заплашувања, спинови и тормозење на граѓаните сепак не успеаја да им го скршат моралот. И покрај анти-човечката политика, сепак луѓето не престанаа да се радуваат да бидат среќни и да си помагаат меѓу себе. Довербата е нарушена, надежта пред крај, но сеуште постои силен дух кој не може да го скрши ниту една пропаганда. Уште еднаш победија граѓаните испраќајќи јасна порака која мора секој политичар да ја почитува. Факт е дека за Куманово се уште нема политика која ќе понуди сеопфатна развојна програма, која ќе ги ослободи творечките сили на кумановци и ќе стави крај на слободниот пад во сите сфери. Куманово во 2017-та заслужува вистински промени.

Конечно желбите за подобро Куманово мора да почнат да се исполнуваат. За неколку месеци ни претстојат локални избори на кои граѓаните уште еднаш ќе бидат соочени со нов избор, ама овој пат изборот ќе биде за Куманово. За Куманово препородено,а не западнато во летаргија како до сега. За Куманово кое за првпат после толку години ќе добие чесна и одговорна локална власт. Она што претстои во пролет ќе бидат историски избори на кои во Куманово недвосмислено ќе се гласа за суштински промени .

Среќна Нова година и Божиќ!!!

Дејан Ристов- секретар на ОК на ВМРО-ДПМНЕ-Куманово

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*