Bucen Kozjak

Лет кон Европа

Сашо Тодоровски

Винстон Черчил во една прилика во еден свој говор на своите сопартијци им рекол: „Mораме да продолжиме, да нејасна е малку ситуацијата, има проблеми, но не можеме да останеме на половина пат, мораме да продолжиме да одиме, одбивам да помислам на капитулација и онака многу време загубивме, а луѓето од нас заедно со нас очекуваат промени, промени кои ќе им го вратат достоинството, ќе ги осигураат економски, ќе создадат севкупни услови за поубав живот“. Оваа изјава е дадена во Англија некаде околу 1940 година.

Денес сме 2017 година, а Македонија се соочува со предизвик да создаде модерна држава во која ќе има напредок просперитет и почитување на човечкото достоинство. Изборите завршија, нова Влада имаме и потребно е да се започне со работа и делување за да се откочат закочените процеси во кои Македонија беше заложник изминативе 11 години.

Во изминативе месец дена откако новата Влада ја започна работата веднаш се забележуваат позитивните придвижувања на политичката сцена. Времето е прекратко да се направи и поправи нешто кое се рушеше цели 11 години, а тоа е здраво и модерно општество кое ќе има иднина. Но првите знаци наговестуваат дека ќе имаме динамична, успешна и работна политичка есен со активности од кои граѓаните ќе имаат подобар живот. Тоа го говорам од аспект на образование, здравство, економија, земјоделие.

Ирелевантно е да пишувам што било претходно бидејќи тоа сите го видовме и слушнавме, а последиците ќе ги гледаме уште долго. Држава не се лечи за краток период, но мора да се започне. Идеите за промените со кои настапивме на изборите веќе започнаа и ќе бидат успешни и долгорочни. Време ќе треба, да, но процесот започна. Процес во кој сите треба да се вклучиме, да излеземе од размислувањето дека јас како единка не можам да направам ништо. Секако дека сите можеме да направиме доволно доколку се вклучиме во промените. И во критиките секако.

Најновите случувања околу одговорноста и неодговорноста на дел од политичарите кои ја донесоа Македонија до амбисот се навистина нелогични. Судските одлуки не се коментираат, но судството во Македонија одамна е на колена и ќе му треба време да се исправи и да суди според закон и Устав, а не според телефонско јавување и тефтер. Ние процесот на градење го започнавме иако тие секојдневно се обидуваат да уриваат со разноразни сопки. Но без оглед на тие диверзии сепак ќе успееме.

Фрустрацијата во нашево општество е огромна, имаме пребогати и имаме сиромашни кои само им ракоплескаат на богатите. Проблемите се огромни, но имаме тим кој ќе ја промени таа состојба, ќе создадеме општество со еднакави можности за сите, секој кој има проблем ќе биде примен ислушан и ќе му се помогне со оглед на можностите. Секој кој има идеја заслужува да биде ислушан. Мора да напредуваме како народ, како граѓани, како општество затоа е потребно сите да се вклучиме - сите на свој начин и уметниците и професорите и земјоделците и лекарите и мајсторите.

Мора да придонесеме оваа земја да излезе од дваесет и шестгодишниот период на светло темни периоди и да започнеме да се придвижуваме кон Европа, да ги отвориме границите, да не се чувствуваме како граѓани од втор ред во сопствената држава гледајќи ги околните наши соседи како напредуваат и грабаат кон Европа. Македонија има еден пат -  тоа е европскиот и колку поскоро тргнеме натаму толку побрзо ќе се отвараат можностите. Секако најнапред како што реков сами да почнеме да создаваме општество со еднакави можности за секој.

Сашо Тодоровски, портпарол во СДСМ

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*