Маркетинг | Контакт

Среќна Нова 2010

Само неколку месеци по локалните избори, по пораката за непокор што ја пратија граѓаните на општина Куманово, започна политика на дискриминација, селективност, сила, притисок и репресија на уште малку актуелниот ни премиер, а сега се соочуваме со нов бран на угнетување, на класичен арач.

Среќна Нова 2010

Почитувани читатели на „Kumanovonews“ oва е мое прво обраќање како колумнист во овој медиум и се надевам дека нашата соработка ќе продолжи и понатаму со теми кои ќе бидат дел од нашето секојдневие и опкружување, проследени со препознатливиот дух на кумановци, а секако гледани од мој агол.

Драги мои сограѓани на крајот сме на 2009 година, по многу што година на почетоци, нови мандати за градоначалниците, советниците, нов СДСМ, визна либерализација... Како човек кој веќе десетина години ги следи и активно учествува во општествено-политичките случувања во градот и државата, сметам дека годината што изминува е почеток на промени кои ќе се случат во државата и секако и во Општина Куманово, а ќе продолжат во годината која ни е на прагот. Зошто?

Знаеме дека нас Кумановци во нашата држава не доживуваат како посебни. Да, како многу духовити, но уште повеќе како многу храбри, истрајни и упорни луѓе. Како луѓе кои историски гледано многу пати знаеле да ја почувствуваат цврстата рака на режимот, но уште повеќе да се спротивстават, и „истата“ да ја скротат. Mногу пати досега овој град и неговата околина биле предвесник на големи пресврти, на промени на власта и режимите.

Тоа се случи и оваа 2009 година, кога власта во Република Македонија на локалните избори со сите расположливи средства и методи, (посебно во вториот круг)  успеа да ги земе скоро сите општини, освен неколку, меѓу кои и Општината Куманово.

Да не заборавиме дека истата таа партија само девет месеци претходно, пред локалните избори 2009, на предвремените парламентарни избори 2008 имаше победа која за многумина беше неочекувана но остварена, и успеа со нејзиниот однос кон својот град и граѓаните на Куманово само за девет месеци да ја изгуби довербата, кој тренд сега уште повеќе беше изразен.

Ако тогаш во тие девет месеци влегуваа инспекции во фирми блиски до членови на СДСМ, симпатизери или друга опозициони партии и им изрекуваа забрана на дејност по месец дена, парични казни од 1500 евра, а наспроти тоа не донесоа ниту еден проект во Општината и не овозможија ни едно вработување во градот, (нормално тука не ги сметам вработувањата на синот и сопругот на пратеничката Дарка, ни помалку ни повеќе во Собранието на РМ, и слични на неа).

Само неколку месеци по локалните избори, по пораката на непокор, што ја пратија граѓаните на Општина Куманово,  започна политиката на дискриминација, селективност, сила, притисок и репресија на уште малку актуелниот ни премиер, а сега се соочуваме со нов бран на угнетување, на класичен арач. Тоа го плаќаат граѓаните на Куманово само поради тоа што мислат различно од премиерот и секако неговото семејство.

Граѓаните ја плаќаат цената само поради тоа што имаат „различен вкус“ со премиерот, независно од тоа дали се работи за фризерница, берберница, работилница или фабрика, казната е 22 000 евра (да нема забуна во бројките, со букви, дваесет и две илјади евра во денарска противвредност) ако „ве посети“ трудова инспекција. Ако казната ја платите во рок од 7 дена половина „ќе ви простат“ но сепак ќе уплатите 11 000 евра, се разбира на сметка на Буџетот на РМ. Ако имате „среќа“ да ве посети пазарната инспекција тогаш казните се помали, најчесто од 1500 и 2000 евра, но „за среќа“ и таму се намалуваат за половина ако платите во рок од седум дена, ако не, одите на суд за прекршоци, а таму ќе платите и судски трошоци. Затоа внимавајте и немој да имате „среќа“ да ве фати новиот Закон за такси, е тогаш ќе ги остварите вашите права... Да продолжам ли уште за УЈП???

Знаете, она веќе почувствуваното, „...Имате разлика во фискалната 100, 300, 500 денари, потпишете записник...“ , (се разбира ако го разберете дијалектот, зависно од кој крај на земјата ни е дојден автобусот инспектори), но пломбата сигурно ќе ја видите.

И нормално е да се постави прашањето: Кој е крив?

Народот сигурно НЕ, а законите мора да се почитуваат, но мора да важат за сите, а не да се наплати царина на Деве Баир, а да се одземе стоката на Зелен пазар (како што се случи минатата недела во Куманово) или ќе ги почитуваме и применуваме законите до крај или селективна примена по мерка на власта не смее да има.

И за крај, жално е што нашиот премиер ја полни државната каса со казни врз сопствениот народ, а уште по жално е што и тоа не е доволно „дупката“ што ја направи рекламирајќи се во буџетот е толку голема, па ни кредитите со евро обврзници, не можат да му ги надоместат потребите за плати, на веќе партиската јавна администрација (со исклучок на чесните професионалци), а да не зборуваме за социјалната помош, пензиите... Се веќе доцни!

П.С. Почитувани господа од власта (а, пред се пратениците Попарсов, Петрушевска и Стоиљковиќ, избрани да го претставуваат овој град), Ве повикувам во наредните денови да ги посетите штрајкувачите со глад од Здружението на стечајни работници. Ставете им се на располагање, барем толку можете, некогаш и тоа е доволно.

Виктор Цветковски
претседател на Советот на Општина Куманово

Виктор Цветковски

Коментари

blog comments powered by Disqus