Кумановскиот градски оркестар по 110 години постоење се бори за опстанок

Во Куманово во 1907 година се формирала првата граѓанска блех музика во државата, а во тоа време во Солун и Битола постоеле само воени оркестри. Кумановскиот градски оркестар во својата богата историја свирел пред кралеви, султани и значајни личности во земјава и странство, а сега најчесто на погреби и на локални манифестации

Кумановскиот градски оркестар по 110 години постоење се бори за опстанок

Повеќе од 110 години Куманово има градска музика, но и покрај долгата традиција и големите успеси кои се гордост и на денешните генерации, Градскиот оркестар сега е во незавидна положба, и постои опасност да престане со работа. Од некогашните 40 музичари во оркестарот се 15-тина членови, а само десетина свират. Инструментите се стари и речиси неупотребливи, а најмладиот музичар е во шестата деценија. Оркестарот настапува само на одбележување на некои манифестации и на погреби.

 „Најстариот член има 87 години, а најмладиот 57-58 години. Се работи за школувани музичари, со завршено основно, средно музичко, а имаме и академски музичари. Тројца од нашите членови свират во Националната гарда кај претседателот на Република Македонија. Градската музика има стари инструменти, кои повеќе имаат раритетна употреба. Ги одржуваме за да можеме да настапиме за потребите на градот. Покрај тоа што свириме на приеми, манифестации, свириме и на погреби. Музиката е за убави настани, но стилот на работата на Градската музика и одржлив дел е и свирењето на погреби. Сум свирел со солзи во очите. Имало многу тешки моменти, а особено се сеќавам кога сиревме на погребот на мојот личен пријател, половина оркестар плачеше, а службата ти налага да одработиш како што доликува“, вели Ѓорѓи Спасовски, претседател на друштвото.

Првиот дувачки оркестар е формиран 1907 година за време на Отоманската империја. Во тоа време во Солун и Битола постоеле само воени оркестри, а во Куманово се формирала првата граѓанска блех музика.  Диригент на првиот Кумановски дувачки оркестар  Чехот Јосиф Покорни, а членувале талентирани млади музичари, по професија тргови и занаетчии, кои сами си ги купиле инструментите и униформите. Само три години по формирањето, во 1910 на железничката станица Табановце го пречекале и поздравиле српскиот крал Пeтaр Први Караѓорѓевиќ при неговото враќање од Цариград, а во 1911 биле повикани да учествуваат на свечениот пречек на турскиот султан Мехмед Решад Петти во Скопје и на Косово.

Кумановската градска музика во своето 110-годишно постоење имала повеќе успони и падови, кои ги диктирале општествените и воени случувања во регионот. За време на Балканските војни, Првата и Втората светска војна, целокупниот живот во градот замрел, со тоа и работата на музичарите. Своето златно доба го бележи во Кралството Југославија од (1918 до 1941) кога работеле два оркестри „Соколска музика“ и „Јадранска стража“, и развиле богат културно-забавен живот не само во градот туку и пошироко. Настапувале и во големите центри како Скопје, Загреб, Сараево, Белград, Софија, Сплит, Дубровник, Подгорица. Продолжиле со успешната работа и по ослободувањето кога се организирале големи музички манифестации со учество на дувачки оркестри од целата тогашна држава.

„Со изградбата на салата Соколана, оркестарот ‘Соколска музика’ добива значајно место во градското живеење. Ги отвара сите свечности, прослави, манифестации, дефилеа и слетови, секој спортски настан во градот. Се одржуваат матинеа и игранки, се организира избор на убавица на Куманово. Во 1933 се формира и оркестарот ‘Јадранска стража’ и работи до почетокот на Втората светска војна, кога Бугарите им ги одзеле инструментите. По ослободувањето на Куманово се формира Синдикално здружение ‘Панче Пешев’ во чиј состав е и дувачкиот оркестар, потоа се формира КУД ‘Илинден’, а во 1978 за потребите на градот стануваме градска музика ‘Илинден’ и како таква опстојуваме до денеска“, додава Спасовски.

Во секој дувачки оркестар примарни инструменти се труба, кларинет, флигорна, саксофон, тромбон, хорна, но неопходни се и ударните инструменти добош и тапан, бидејќи даваат такт на целиот оркестар. На репертоарот на оркестарот се главно маршеви и класична музика, но се свири и полка, валцери, кантри музика, па и чочеци по потреба. Спасовски смета дека една од причините зошто во оркестарот нема млади луѓе, е затоа што музичката школа во Куманово не продуцира музичари на дувачки инструменти.

„За жал, слаб е интересот за свирење на дувачките инструменти иако тоа не е тешко, како што кај секој друг инструмент и овде треба работа. Меѓу членовите имаме и професори кои предаваат музика, и секој млад човек треба само да познава ноти, ние ќе го научиме да свири. Затоа ги повикувам да ни се приклучет младите да ни се подмлади оркестарот, бидејќи вака уште некоја година и ќе згаснеме. Нека дојдат сите заинтересирани ќе ги пречекаме со две раце“, вели Спасовски.

Тој со задоволство се потсетува на убавите моменти, кога во 1998 оркестарот од 30 луѓе бил на едномесечната турнеја во Франција, каде ја презентирале градската музика на Куманово.

За својата работа градската музика добила повеќе признанија и одликувања, од кои најзначаен е Орденот за заслуги на народот со сребрен венец добиен од претседателот на Југославија Јосип Броз Тито, а два пати се добитници на Ноемвриската награда што ја доделува Советот на Општина Куманово.

Градската музика лани прослави 110 години постоење и успешна работа, а членовите на оркестарот се надеваат дека со помош и поголема поддршка од локалната власт ќе го вратат некогашниот сјај на блех музиката во Куманово.

С. Николиќ

Првиот Оркестар за градска музика, снимен 1911 пред заминување во Скопје на пречек на турскиот султан Мухамед Решад Петти; – од монографијата „100 години Градска музика во Куманово“ од Миодраг Арсовски – Болто, издадена 2007 за одбележување на 100-годишниот јубилеј