16. Aug 2011 01:53 Едукација и казни за несовесни корисници на државно земјоделско земјиште

Ќе се едуцираат но и санкционираат лица кои добиле на користење државно земјоделско земјиште а несоодветно го експлоатираат. Доколку и по едукацијата не ги употребуваат површините согласно намената, новото законско решение предвидува казнени постапки.

Thumbnail

Ваквата постапка се спроведува кога земјоделецот при користењето на земјиштето ја намалува неговата плодност, го загадува, деградира, раскопува или фрла шут. Ако се работи за поголемо прекршување на Законот што подразбира палење на стрништето или неодржување на насадите и културите кои ја спречуваат ерозијата, наместо едукација следува казнена постапка.

Според Министерството за Земјоделство Шумарство и Водостопанство, на земјоделецот ќе му биде укажано и на обврската да доставува годишни извештаи за начинот на користење на земјиштето, како и во случај на отворање стечајна или ликвидациска постапка во рок од 15 дена да го извести Министерството.

Едукацијата ја врши инспекторот од Државниот инспекторат за земјоделство кој ја констатирал неправилноста. Притоа, се води евиденција преку наведување на податоците за сторените прекршоци.

Минатата година беа доделени 6.204 хектари државно земјоделско земјиште, а годинава ќе бидат распишани јавни огласи за доделување 12.000 хектари.