13. Sep 2011 16:50 Куманово со шест проекти за прекугранична соработка
Општината Куманово, Севоисточниот плански регион, гимназијата „Гоце Делчев„ и невладината организација Порака Наша ќе аплицираат со шест проекти за прекуграничната соработка со Бугарија.
Се работи за партнерски проекти кои ги финансира Европската унија, а секој од проектите е во висина од околу 500 илјади евра. Се однесуваат на подобрување на условите и соработката во бизнис секторот, образованието, згрижување на хендикепираните лица и екологија.
Општината Куманово аплицираше со проект за реконструкција на Занатскиот дом, за да се создаде мулти-функционален простор, кој ќе го користи бизнис заедницата во Куманово и Дупница. Североисточниот регион изработи проект, училиштата „Толи Зордумис„ и „Бајрам Шабани„ да добијат целосна опрема за учениците со посебни потреби. Здружението Порака наша има потреба од сретства за изградба на зграда за потребите на нејзините корисници, додека гимназијата „Гоце Делчев„ и ОУ „Магдалена Антова„ од населбата Карпош, за реконструкција на објектите и развој на еколошкото образование - вели Горан Митевски, раководител на Секторот за евроинтеграции.
Проектите треба да се предадат до утре, а ќе се знае дали ќе бидат прифатени до крајот на годината. Тие ќе се реализираат во наредните две години во зависност од обемот на работа. Советор на општината Куманово на денешната седница даде подршка за поднесување на проектите.
