27. Jan 2012 14:18 Подобра бизнис клима за микро и малите претпријатија

Бизнисмените од Куманово денеска на министерот Иво Ивановски му се пожалија дека најголем проблем во работењето им претставува нелојалната конкуренција, високиот данок на имот, наплата на побарувања, ликвидноста и неизедначеноста на компаниите со останатите субјекти во државата при регулирањето на имотните листови.

Подобра бизнис клима за микро и малите претпријатија

Тие од четвртата фаза на регулаторната гилотина која се однесува на малите и средни претпријатија очекуваат унапредување и поевтинување на услугите при добивањето одобренија, документи, дозволи и лиценци, како и скратување на роковите.

Битно е да отвориме конструктивна дискусија. Она што можеме веднаш, ќе го одговориме, но, сепак, секоја забелешка и сугестија ќе биде внимателно разгледана на владините комисии. Министерството за финансии наскоро ќе излезе со нов закон за задолжници, каде што стопанствениците ќе имаат поголеми права да ги регулираат односите меѓу себе - рече министерот.

По примерот во Хрватска овој закон ќе овозможи он-лајн увид во побарувањата и долговите на секоја фирма. Со тоа деловниот партнер однапред ќе знае за каква фирма станува збор и на сопствен ризик ќе соработува со неа или не.

До крајот на април Владата планира да излезе со конкретни мерки за подобрување на деловната клима во овој сегмент, но и со рокови за нивно спроведување.

Денешната средба со стопанствениците од Куманово е прва од планираните 20 општини што треба да се реализираат следните осум недели, каде микро и малите претпријатија се целната група на четвртата фаза од проектот регулаторна гилотина.