31. Oct 2011 11:25 Старо Нагоричане изработува план за заштита на животната средина

 Општината Старо Нагоричане го започна процесот на изработка на Локалниот акционен план за животна средина (ЛЕАП).   Во изработка на планот се вклучени советници од општината, општинска администрација, здруженија на граѓани и претставници од образованието.

Thumbnail

Со локалниот комитет претседава градоначалникот, Миодраг Јовановиќ. Локалниот комитет има задача да го усвои извештајот за состојбата со животната средина, да ги дефинира проблемите со животната средина, да поставува приоритет, да го развива ЛЕАП-от да ја добива подршката од заедница во изработката и спроведувањето на ЛЕАП-от и да врши други работи согласно Методологијата за изработка на ЛЕАП. Основната одговорност на Локалниот комитет е да допре до локалното население и да го информира за процесот на изработка на ЛЕАП, да побара тие да ги искажат своите ставови околу локалните приоритети и решенија, да ги подучи за проблемите кои и се закануваат на заедницата и активно да ги вклучи членовите од заедницата во создавањето на нејзината подобра иднина. Проектот за изработка на ЛЕАП на Општина Старо Нагоричане е во рамките на проектот за Меѓуопштинската соработка помеѓу Општина Куманово и Општина Старо Нагоричане „Заедно градиме Мулти-Еко доверба„ кој е подготвен со техничка поддршка на УНДП, во рамките на Заедничката програма на Обединетите нации „Подобрување на меѓуетничкиот дијалог и соработка помеѓу заедниците“. Програмата се спроведува од УНДП, УНИЦЕФ и УНЕСКО, со финансиска поддршка од Владата на Шпанија преку Фондот за остварување на милениумските развојни цели (МДГ-Ф). Со проектот „Заедно градиме Мулти-Еко Доверба„ се отпочнува Меѓуопштинска соработка помеѓу Општина Куманово и Општина Старо Нагоричане, според Законот за меѓуопштинска соработка од областа на заштита на животната средина.