12. Jan 2012 11:25 Водостопанство и Водовод пак се скараа: Кој краде, а кој лаже?

 Водостопанство „Кумановско-липковско поле„ го обвинува ЈП „Водовод„ дека во последните неколку месеци прикажува помала потрошувачка на вода од акумулационите езера, со цел помалку да плати.

Thumbnail

Имено раководството на Водостопанство тврди дека количините на испорачаната вода од браната и регистрирана вода на водомерите во Филтер станицата не се поклопува, затоа што „Водовод„ прави манипулации.

Од извршениот увид на мерните инструменти во Филтер станицата е констатирана потрошена вода од 601.642 метри кубни вода за изминатите 39 дена. Имено ако се земе во предвид дека по главниот вод се испорачуваат 220л/с вода и 10 л/с од индустрискиот вод што е вкупно 230л/с, тогаш во Филтер станицата се испорачани некаде околу 800.000 мери кубни вода. Согледувајќи ја потрошувачката на вода и во последните три години за месеците октомври, ноември и декември се гледа дека има некаква аномалија во прикажувањето на потрошените количини вода- пишува во известувањето на „Кумановско-Липковско поле„ испратено до сите надлежни државни и локални институции.

Од претпријатието бараат да се открие дали разликата доаѓа поради неисправните мерни инструменти или од манипулациите што ги прави Водовод?

Директорот на ЈП „Водовод„ Виктор Божиновски, ги отфрла обвинувањата и тврди дека проблемот го предизвикува намалениот притисок на вода од празните езера Липково и Глажња.

Не е точно дека добиваме 230 литри во секунда вода, туку само од 165-170 л/с, и тоа трае од месец септември минатат година. Поради тоа мерните инструменти покажуваат помала испорака на вода и затоа и во последниве месеци во оделни делови на градот се јавуваат недостатоци на вода, кои ги надополнувавме со вклучување на пумпите во Проевце и Бедиње. Основен проблем поради кој се јавува целата мешаница е недостиг на вода во двете акумулации Липково и Глажња. Апсолутно не постои можност ние да ги штелуваме водомерите, бидејќи мерните инструменти се баждарени од Биро за метеорологија неколку пати во годината и имаме потврда за нивна исправност- вели Божиновски.

Тој ја исклучува можноста за губење на водата од главниот и индустрискиот вод до Филтер станицата, бидејќи  тоа се случувало само на т.н. „бај-бас„, кој во овој период од годината не работи.

Недоразбирањата на двете водоснабдителни претпријатија трае со години, а единствено решение е потпишување на договор и усогласување на цената. Во моментот „Водовод„ му должи за вода на Водостопанство 40 милиони денари за испорачана вода.