10. Jan 2012 11:30 Кумановци „оперирале„ во Гостивар

Љ.Р (20), К.С (20), М.С (33) и И.С (23), сите од Куманово се осомничени дека во последните два месеци извршиле три тешки кражби во станови во Гостивар.

Thumbnail

Пријавените, минатиот месец провалиле во куќата на С.М и од спалната одзеле метален сеф со златен накит, вреден околу милион и 200 илјади денари. Сефот го ставиле во нивното возило со кое пристигнале од Куманово и набрзина избегале, а потоа го продале накитот и ги поделиле парите.

Десет дена подоцна, на 30-ти декември, тие провалиле и во куќата на Љ.Л , од каде одзеле метален сеф со 14.500 евра , пиштол „ЦЗ’’ калибар 9 милиметри и златен накит во вредност од три милиони денари.

Третата од серијата тешки кражби ја извршиле на 7-ми овој месец во куќата на И.З. Oд комода во спалната одзеле женска чанта, во која имало златен накит во вкупна вредност од околу два милиони денари.

Инаку, трите кражби ги извршиле на ист начин. Најпрво избирале куќа во која планирале да провалуваат и брзо стапувале во акција. Еден од нив ќе заsвонел на влезната врата и кога ќе се увереле дека нема никој во куќите, со хебли и други предмети ги отворале прозорците во приземјето, влегувале внатре, пребарувале и со пленот веднаш го напуштале местото.

 На Љ.Р и К.С кои се приведени, Истражен судија им е определен  48 часовен притвор, додека браќата М.С и И.С сеуште се во бегство и во тек се мерки за нивно пронаоѓање. Инаку сите четворица и порано се кривично пријавувани  и казнувани  за кражби и разбојништва.