26. Nov 2011 15:54 Се степале навивачи на Партизан и Звезда
На Железничката станица во Куманово синоќа се степале навивачи на Црвена Звезда и Партизан, кои тргнале на дерби натпреварот во Белград.
Инцидентот се случил околу 22.30 минути, кога поголема група навивачи од Куманово, опремени со безбол палки насилно влегле во меѓународниот воз, кој сообраќал на релација Скопје-Белград и скршиле неколку стакла на еден од вагоните, по што се степале со друга навивачка група која патувала од Скопје и Тетово. Полицајци од СВР Куманово констатирале дека групата ја сочинувале околу 15 лица на возраст од 20 години и со себе имале навивачки реквизити. Кога пристигнал возот на станицата, првин дошло до вербална расправија помеѓу навивачите, по што кумановчаните се качиле во возот и настанала меѓусебна тепачка. Во тој момент еден навичач од Скопје запалил бакља и го поврдил Д.А.(20) од Куманово, кој се здобил со изгореници во пределот на челото и слепоочницата. Тепачката ја спречило полициското обезбедување и приведени се Д.А. и М. П.(20) од Куманово. Возот бил задржан до 23,45 часот, со цел за утврдување на идентитетот на нарушителите на јавниот ред и мир, при што се легитимирани вкупно 15 лица од Скопје и од Тетово, по што возот ја напуштол Железничката станица во Куманово. На лице место пристигнала и екипа од Медицински центар Куманово и му била укажана лекарска помош на Д.А.
Според известувањето од полициското обезбедување на возови, возот на железничката станица во Куманово бил пречекан од група од 16 навивачи од Куманово, кои веднаш се стрчале кон него фрлајки камења, по што влегле во возот и започнале тепачка со навивачите од Скопје при што биле употребени и стапови. Од нивна страна веднаш било известено СВР Куманово и по извршување на увидот возот продолжил за Белград, а патувањето го продолжила само навивачката група од Скопје и Тетово. СВР Куманово превзема мерки за утврдување на идентитетот на сите учесници во нарушувањето на ЈРМ по што ќе следат соодветни поднесоци.
