23. Oct 2011 13:38 Злоупотреби во стечајот на “Искра Инженеринг“
Стечаен управник ја оштетил државата со десетици милиони денари, бидејќи парите од продажбата на фирмата ги уплаќал на банка, наместо на сметка на министерство.
З.С.(56) од Скопје, поранешен стечаен управник на „Искра Инжињеринг“ Куманово, кој е на издржување на затворска казна за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“,како дел од случајот „Пепел“, незаконски работел и при продажбата на Искра.
Имено, тој во 2005 година, парите добидени од продажбата на пакет 1 на „Искра Инжињеринг“, наместо да ги уплати на сметка на Министерството за финансии, ги уплатил на Стопанска Банка со што го оштетил буџетот за 14.154.730 денари.
Уште на самиот почеток на стечајната постапка, предложил ликвидација на Искра, на што доверителите се согласиле за да си го наплатат долгот.
Со пречекорување на службените овластувања, З.С. ја реализирал продажбата на првиот пакет за 41.648.469 денари со ДС Констракшн ДООЕЛ, иако хипотеката на имотот сеуште била активна. За да ја избрише хипотеката, која потекнувала од 1993 година, управникот уплатил 14.154.730 денари помалку. При тоа писмено го известил Министерството за финансии дека согласност за бришење на хипотеката е добиено и од Стопанска Банка за делот кој и припаѓа на неа. Во прилог доставил документ од Стопанска Банка, но за имот кој не е предмет на продажба во пакет 1, туку е дел од пакет 2, со што се гледа умислата на пријавениот да го оштети Министерствито за финансии.
По извршена проверка на уплатата, Министерството за финансии констатирало дека уплатениот износ не е соодветен на висината на процентот на обезбеденото побарување (97,74%) и утврдено е дека пријавениот од постигната цена 41.648.469 денари, намалена за трошоците кои тој ги определил од 5% од цената (2.082.423 денари), на Министерството за финанасии уплатил износ од 24.517.123 денари наместо да уплати износ од 38.671.853 денари или помалку за 14.145.730 денари,кои средства ги уплатил во Стопанска Банка АД Скопје и кои до денес не се вратени од Банката.
