Bucen Kozjak
13. 09. 2017 07:54

Изложба на цртежи “Омаж за тебе“ на Валентина Илијевска

Изложба на цртежи “Омаж за тебе“ на Валентина Илијевска

Во Изложбениот салон на Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ - Куманово, утре во 20 часот ќе се отвори изложба на цртежи со наслов “Омаж за тебе“ од авторката Валентина Илијевска.

Се работи за корпус од дела поставени на седум пункта, тематски и стилски поврзани со еден концепт којшто во себе вклучува цртеж, објект и просторна интервенција.

„Ако се обидете да направите една синтеза на мистичното - сведено на таинствените математички броеви и духовните импликации предизвикани од нивниот сооднос, интуитивното - изразено како слободно креирани површини обликувани од мрежа на густи праволиниски структури и филозофското - персонифицирано во шаховска табла - живот во којшто на секој ваш повлечен потез добивате контра потез односно вашиот живот станува резултанта на исходот акција – реакција , добивате појдовна основа за анализа на најновата творечка креација на авторката Валентина Илијевска насловена како “Омаж за тебе“- напиша Роберт Цветковски, историчар на уметноста.

Валентина Илијевска е родена во Скопје 1987. Завршила средно образование во ДСУПУ “Лазар Личеноски“ - Скопје.Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) - Скопје - Оддел графика и графички техники во класата на проф. Мирко Вујисиќ со насока - конзервација и реставрација кај проф. Невенка Величковска и проф. Момчило Трајковски. Магистрира  на постдипломски студии на одделот Конзервација и реставрација на ѕидно сликарство, на Факултетот за ликовни уметности-Скопје, во класа на проф. м-р. Благоја Кузмановски.

    Учествува на многубројни самостојни, меѓународни групни изложби и ликовни колонии во периодот 2009-2017.

 Изложбата ќе биде поставена до 28 септември.