05. Sep 2011 17:09 Богата културно-спортска програма за празникот
Со повеќе културни манифестации, спортски натпревари и пуштање во употреба на значајни инфраструктурни објекти ќе биде одбележан Денот на независноста на Република Македонија 8-септември.
Градоначалникот Зоран Дамјановски денеска на прес-конференција ги најави активностите што ќе ги преземе локалната самоуправа.
Утре и задутре ќе се одржи традиционалниот фестивал Рома-труба фест, кој ќе трае два дена, а ќе настапат познати дувачки оркестри и пејачи. Во среда во соработка со Музејот Куманово ќе биде отворена биеналната изложба на ликовната колонија Пелинце. По 20 години прекин, годинава се обновува Меѓународниот турнир во кошарка, кој ќе се одржи во петок и сабота во спортската сала. Учество ќе земат повеќе екипи од државата и Србија. На 10 септември во сабота во вечерните часови се организира Урбан викенд, каде ќе настапат млади талентирани пејачи и групи- рече Дамјановски.
Градоначалникот најави дека во среда во 12 часот ќе бидат предадени во употреба ново-изградените училници во основното училиште „Толи Зордумис„, а во петок во средното економско училиште „Перо Наков„ ќе се пушти во работа новата фитнес сала опремена по сите стандарди за вежбање.
