25. Aug 2011 14:10 „Чувар на светите гробови„ промовирана во Старо Нагоричане

Книгата и филмот „Чувар на светите гробови„ од новинатот Мишо Вујовиќ од Белград, синоќа беше промовирана во општината Старо Нагоричане. Делата се посветени на Ѓорѓе Михајловиќ, чувар на српските војнички гробишта во Солун, кој 63 години ги негува спомените на војниците загинати на Солунскиот фронт во 1918 година.

Thumbnail

Се обидовме да спасиме од заборав еден мал човек, но огромен како епохално дело. Она што мене ме фасцинираше кај Ѓорѓе Михајловиќ е неговата предаденост и посветеност на работата од наутро до заоѓањето на сонцето. Тој грижливо ги негува спомените и гробовите на светите војувачи, и со монашка посветеност им приоѓа на патниците намерници, туристите и на секоја официјална делегација која ги посетува гробиштата. Мене како новинат тоа ме фасцинираше уште при нашата прва средба пред 25 години. Нашето другарување трае сите овие години и сите мои текстови и импресии успејав да ги преточам во еден траен запис, како филмски така и печатен- изјави Вујовиќ за Кумановоњуз .

Тој вели дека книгата наишла на одличен прием кај публиката во Србија, за две години имала свои две изданија, а печатена е во 2008 година по повод 90 години од Солунскиот фронт. Во неа има многу архивски фотографии и документи.

Домаќин на промоцијата беше градоначалникот Миодраг Јовановиќ, кој ги поздрави гостите и не го криеше своето задоволство што во нивната општина се промовира така значајно дело.

За прв пат во општината организираме промоција на книга и филм, како дел од манифестацијата Топол културен бран.Огромниот број на посетители покажува дека и жителите на руралните средини сакаат да пписуствуваат на културни манифестации од овој вид. Ние ќе продолжиме со овој тренд се во интерес на нашите граѓани - вели градоначалникот Јовановиќ.

Книгата и филмот „Чувар на светите гробови„ вечерва ќе бидат промовирани во Скопје.

„Чувар на светите гробови„ промовирана во Старо Нагоричане