15. Dec 2011 11:48 Изложба на Балкански цртеж
Во Уметничката галерија во Куманово утревечер во 19.00 часот ќе биде отворена меѓународната изложба „Балкански цртеж“.
На изложбата ќе земат учество 22 автора од: Романија, Бугарија, Турција, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Косово. Од кај нас ќе се претстават В.Ташковски, С.Манев, Д.Малиданов, Ј.Мијалковиќ, З.Јакимовски и З.Малиновски.
Изложбата има за цел да се афирмираат вредностите на цртежот како самостојна, дефинитивна и заокружена ликовна творба, но и да се согледаат состојбите во регионот. Настојувањата на кураторот на проектот Гоце Божурски се на едно место да се собере еден мал дел од остварувањата на најдобрите балкански цртачки персоналитети кои се јавуваат како експоненти, чија креативна компонента се манифестира преку изворниот карактер на цртежот, чистите и ненадминливи, вонвременски линеарни вредности.
Изложбата ќе ја отвори проф. д-р Ферид Мухиќ, а ќе трае до крајот на годината.
