26. Oct 2011 14:19 Изложба на слики на Марија Величковска

 Во Изложбениот салон на Националната установа Центар за култура “Трајко Прокопиев“ - Куманово, утре вечер ќе биде отворена изложба на слики на Марија Величковска.

Thumbnail

Марија Величковска  е родена во Скопје. Дипломирала на ФЛУ во Скопје, 1997 г. во класата на проф. Родољуб Анастасов. Излагала на повеќе групни изложби а самостојно изложувала во Струмица. Живее и работи во Куманово. Се претставува со дваесетина дела работени во техниката масло на платно од најновото творештво.

Ликовните решенија на Величковска се конципирани на база на површини коишто меѓусебе се интегрирани градејќи микрокосмички биопростори и ликовно-сценски скици  и на некој начин со својата композициско-колористична  поставеност придонесуваат за полесно разбирање на целината или, пак, некои од нив делуваат во спротивна насока и допринесуваат впечатокот да биде уште повеќе збунувачки и мистериозен. На дел од сликите идејата почнува од централниот простор на сликата и потоа се развива во сите насоки градејќи една сложена структура, впрочем нешто слично на состојбите во реалниот свет. И токму тоа, обидот за бришењето на границите помеѓу реалниот и имагинарниот сликарски простор, го чини сликарството на Марија Величковска вредно за анализа дотолку повеќе што можеме, кога се работи за овој вид на сликарство, на тест да ја ставиме и сопствената способност за ликовно-имагинарно конзумирање,  асоцијативност и разбирање- вели Роберт Цветковски, историчар на уметноста

. Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 08 ноември.