11. Nov 2011 15:34 Отворена изложба на кумановски ликовни уметници
Во Градската галерија во Куманово, синоќа беше отворена педесет и петата јубилејна изложба „Кумановски ликовни уметници“. Претставени се 72 слики и скулптури на 37 автори.
Изложбата е пресек на ликовната уметност на повеќе генерации на кумановски уметници, кои во изминатот период твореле и создавале.
Првата групна изложба на кумановските уметници е поставена во 1956 година, кога се собрала група од 7 уметници предводени од Киро Караџа, и своите дела ги изложиле на пошироката јавност. Тогаш се удрени темелите за групното изложување во Куманово, кое традиционално се одржува секоја година, а бројот на учесниците постојано се зголемува. Меѓу излагачите на вечерашнава изложба се Трајче Јанчевски, Момчило Петровски, Зоран Јакимовски, Гоце Божурски, Гордана Даутовска, Далибор Тренчевски, Часлав Марковиќ и многу други - вели Перо Величковски, кустос во Градската галерија.
Од некогашните неколку уметници, денеска во градот работат стотина квалитетни ликовни уметници. Ана Франговска историчар на уметноста на отварањето на изложбата, истакна дека кумановското тло е особено плодно за уметниците.
Првата група ликовни уметници од Куманово, заедно со уште неколку други ликовни групи од Македонија, влијаеле врз формирањето на ликовната сцена во Македонија, го менуваат текот кон воведувањето на современа европска уметност - рече Франговска.
Изложбата ја прогласи за отворена градоначалникот Зоран Дамјановски.
Куманово се гордее со својата уметност. Имаме 55 години традиција од првото здружение на ликовните творци, низ кое поминале плејада на познати уметници кои го одбележаа современото македонско сликарство.Сето тоа не е случајно бидејќи Куманово уште во 7 век се промовира како центар, бидејќи Свети Ѓорѓи во Старо Нагоричена е престиж на ренесансното сликарство.Сметам дека ние имаме традиција и дарба за уметноста. Треба да се горедееме и со тоа што единствени во државата во исто време имаме три меѓународни колонии - рече градоначалникот Дамјановски.
Кумановчани делата ќе имаат можност да ги видат наредните десетина дена, а потоа е планирано да бидат изложени во најмалку пет градови во државата, но и во збратимените градови од регионот.
