28. Sep 2011 17:19 Бесплатен превоз и социјална помош за стечајните работници

 Градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски, денеска се сретна со стечајните работници од здружението „Унит„, при што им вети дека наскоро ќе добијат бесплатен превоз во градскиот сообраќај, а од наредната година за најсиромашните семејства локалната самоуправа ќе обезбеди парична помош.

Thumbnail

Преку Сојузот на автопревозници во градот ќе обезбедиме бесплатни карти за стечајните работници кои имаат потреба до користење на автобуски превоз. Конечниот број не е договорен, затоа што поскоро треба да ни ги доставите списоците со вашите членови кои се во најнезавидна состојба. Ова е прв чекор што го правиме за да ви помогнеме, а за наредната година планираме од буџетот на Општината да обезбедиме сретства за покривање на сметките за вода, ѓубре и струја.Со оваа мерка нема да бидат опфатени само стечајците туку и други загрозени семејства во Општината што примаат социјална помош- рече градоначалникот Дамјановски.

 Социјалниот пакет ќе изнесува околу 1200 денари месечно, или 200 евра на годишно ниво. Стечајците се заблагодарија за укажаната подршка и најавија дека ќе бараат подобар третман и од централната власт.

Во Куманово околу 500 стечајни работници секојдневно се борат за гола егзистенција на своите семејства. Тие со години бараат да им се реши статусот и да се обезбеди месечен надомест во висина околу 100 евра, но Владата не ги прифаќа нивните предлози. Тие повторно најавија протести, додека не се исполнат нивните права.

Бесплатен превоз и социјална помош за стечајните работници