05. Sep 2011 14:01 Голем интерес за прв ВМРОвец во градот

Во прашање е игра која ја играат неколку луѓе, кои имаат силни лоби групи. Тие тераат што поголем број нивни луѓе да се пријават на конкурсот, само онака фиктивно, поради последното прашање во интервјуто - ако не бидете избран, кој друг кандидат би бил според вас добар претседател? - објаснува член на партијата

Thumbnail

Над 50 членови на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово се пријавиле на конкурсот за избор на претседател на Општинскиот комитет, откако досегашниот Јордан Пачков стана пратеник. Според локални партиски извори, во испразнетата партиска фотелја најмногу имале мерак да седнат партиски функционери и советници, претседатели на месни комитети, но и неекспонирани членови, ам не и сите 50-мина што се пријавиле.

Во прашање е игра која ја играат неколку луѓе, кои имаат силни лоби групи. Тие тераат што поголем број нивни луѓе да се пријават на конкурсот, само онака фиктивно, поради последното прашање во интервјуто. Имено, на крајот на секое интервју кандидатите се прашувани - ако тој не биде избран, кој друг кандидат би бил добар претседател? Задачата на фиктивните кандидати е да го кажат името на нивниот фаворит за да се добие лажна слика во централата дека тој има голема поддршка од народот -  вели нашиот извор, кој има информации дека во Централниот штаб на партијата во Скопје веќе знаат за провидната финта и се смеат на несериозното однесување.

За кумановскиот куриозитет со рекорден број кандидати за претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, во партијата велат дека воопшто не е чудна бројката, иако досега за ова место се пријавувале вообичаено по два-тројца кандидати. Имало и друг пат изненадувачки бројки за оваа партиска функција, тврдат во ВМРО-ДПМНЕ.

Ни тие што бираат претседател на ОК не пијат нафта. Луѓето се бираат по квалитет, а не по пофалби искажани за нив од блиски пријатели - објаснуваат извори од раководството на партијата.

Според кумановски партиски извори, за местото прв човек во огранокот конкурирале советниците Бобан Николовски и Стефан Трајановски, раководителите на: Катастар Дејан Јовановски, на Централен регистар Игор Божиновски, на Агенција за управување со кризи Горан Стојковски, потоа претседателите на: Унијата на жени Злата Божиновска, ветераните Драган Јаневски, адвокатот Звонко Јосевски, сопственичката на ТВ КРТ Гордана Милковска, но и од месните комитети: Сунчица Антовска, Светлана Цветковска, Сретен Денковски, Сашо Стошевски, Дејан Гроздановски, Зоран Цветановски и други.

Никаде барем јавно ги нема доскорешните пратеници Петар Поп Арсов, Соња Цветковска, Дарка Петрушевска, а јавно не лобира ниту секретарот на Парламентот Жарко Денковски и поранешниот советник Глигор Манов.

Поделеното членство на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово очекува овојпат да се избере вистински ВМРОвец, кој ќе успее да го консолидира општинскиот комитет и со силен тим ќе тргне во офанзива против политичките опоненти во освојување на локалната власт во Куманово. Конкурсот завршил минатата недела, а во огранокот веќе со нетрпение се очекува исходот, за да се види чија лоби група е најмоќна и кој ќе успее да го истурка својот фаворит.

Според партиската процедура сите кандидати ќе поминат интервју во централата, по што ќе се изврши селекција, и во финалето ќе останат пет кандидати од кои претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и неговите најблиски соработници ќе го изберат најсоодветниот.

Голем интерес за прв ВМРОвец во градот