17. Jan 2012 17:29 Куманово пак остана без дежурна амбуланта
Кумановци од синоќа повторно останаа без здравствена заштита ноќе, за време на викендите и празниците затоа што матичните лекари не сакаат повеќе да дежураат во амбулантата во Итната помош.
На ваквиот потег се одлучиле бидејќи сметаат дека се обесправени и единствени во државата што без надомест организираат ноќни дежурства, кои во другите градови се на товар на Здравствените домови.
Нашите дежурстава се незаконски, бидејќи само во Куманово матичните лекари дежураат во многу лоши услови, а тие дежурства не ни се плаќаат. Во нашите договори со Фондот пишува дека во сите градови каде што има организирана Итна медицинска помош, Здравствениот дом е должен да организира дежурства за празници и ноќе. Ние сме дискриминирани еднаш, а пациентите двапати. Бидејќи добиваат неквалитетно здравство и ги лекуваат лекари почетници, наместо искусни лекари од Итната помош- вели доктор Фатмир Асани, матичен лекар.
Од Здравствениот дом во Куманово велат дека тие немаат доволно лекари за да ја преземат обврската за организирање на ноќните дежурства на матичните лекари. Директорот Миодраг Панковски потсетува дека и мината година ова време го имаа истиот проблем, а беше надминат кога Фондот за здравство вети на матичните лекари дека дополнително ќе плаќа за ноќните дежурства, но не ја исполни обврската.
Ноќната амбуланта како служба е укината пред 4 години и ја немаме во статутот на Здравствениот дом. Ние имаме само 8 доктори во Итната медицинска помош, кои ги распоредуваме по двајца во смена. Тоа е многу малку кадар за да ги задоволи потребите само за итните случаи во најголемата општина, бидејќи ги покриваме и соседните Старо Нагоричано и Липково, а не притоа да вршат прегледи на пациенти. Кога би ни дозволиле да се отвори ноќна амбуланта и да се вработи соодветен кадар, ние можеме да ја вршиме таа дејност- вели Панковски.
Матичните лекари имаат разбирање за проблемите на Здравствениот дом Куманово, и затоа бараат да го реши Министерството за здравство, да дозволи нови вработувања во Здравствениот дом за да се оформат екипи за ноќни дежурства.
Дотогаш граѓаните можат да се лекуваат само во дневното работно време во ординациите на матичните лекари.
Лекарите кои се надвор од оваа мешаница сметаат дека матичните лекари имаат одговорност кон своите пациенти и не смејат да ги остават на цедило, бидејќи ја презеле обврската за 24 часовна здравствена заштита а работат само во две смени. При тоа ги користат не докрај дефинираните законски обврски за организирање на ноќните дежурства.
