21. Oct 2011 10:31 Лојане окупирано од Авганистанци

 Стотици државјани на земјите од Блискиот Исток илегално престојуваат во липковското село Лојане, чекајќи на дивите премини да ја поминат македонско-српската граница. 

Thumbnail

Авганистанци, Пакистанци, Ирачани и Индијци слободно  шетааат преку ден во селото и пазарат во селската продавница, а ноќе се повлекуваат во шумата или наоѓаат престој во некој куќа ако му платат на сопственикот. Оваа појава последниве месеци земала толку голем замав, поради што жителите на селото се исплашени за нивната безбедност и бараат од надлежните институции да ги заштитат од неканетите гости.

Во овој момент има сигурно околу 400 лица. Главно се млади луѓе, има и повозрасни, а и цели семејства со жени и деца. Главно престојуваат над селото, но преку ден доаѓаат во продавниците затоа што никој не ги чепка и не се плашат. Додека имаат пари не прават пролеми, ама кога ќе ги потрошат и ќе снемаат храна, тогаш се плашиме дека можат да станат агресивни и да почнат да напаѓаат или да крадат по куќите. Досега имало два инциденти, едниот кога се степаа меѓу себе, а вториот пат се напиле, па почнаа  да маваат со камења по куќите и луѓето во три часот преку ноќ. Тогаш самите се организиравме и ги собравме на едно мест, по што повикавме полиција да ги одведе. Тие ги однесоа и ги пуштиле, наредниот ден истите луѓе се вратија во селото. Од тогаш незнаме што да правиме, бидејќи сме немоќни сами да го решиме проблемот. Поднесовме барања до СВР Куманово, МВР и ОБСЕ, но досега нема никакви резултати- вели Штенд Дестани, претседател на месната заедница Лојане.

 Според неговото кажување мигрантите ги носат организирани таксисти од Скопје, кои од Куманово го користат патот преку селото Речица до Лојане, а го избегнуваат патот низ селата Никуштак и Матејче, бидејќи таму има полициска станица и постои можност да бидат откриени. Ги оставаат пред селото, и најверојатнои некој ги прифаќа и ги носи над селото кај останатите.

Од СВР Куманово велат дека се запознаени со проблемот и преземаат мерки на терен за отстранување на странските државјани. Извор од полицијата вели дека мигрантската треска на граѓани од земјите на Блискиот исток, е иста како онаа од пред 15 години со романските државјани. Тие доаѓаат во групи и може да ги има од неколку до 500,  се зависи колку брзо ќе успејат да ја минат границата. Тие немаат намера да останат да живејат кај нас, бидејќи нивна цел се западно-европските земји.