01. Sep 2011 10:49 Општински парламент-гледан откосо

Си дозволувам мал луксуз да изнесам некои лични видувања на работите што ги одработуваат почитуваните претставници на кумановскиот народ во општинскиот Парламент на што сметам дека имам право поради тоа што, како електорат, сум гласал за нив, а потоа што имам професионална обврска да обавувам функција на одредена ,,жива врска‘‘ помеѓу Советот на Општината и граѓаните.

Thumbnail

 Нескромно би било да кажам дека во секое време и се‘ ми е јасно што се случува на седниците на Советот, ама генерално - граѓаните на Куманово можат да бидат задоволни од тоа како функционираат нивните избраници.

    Се разбира, не претендирам дека сум многу компетентен да ги мерам и јавно да ги изнесувам оценките на резултатите од работата на нашите општински партламентарци. За тоа најмеродавни се граѓаните на избори. Но сепак, како човек што најмалку двапати месечно отседува по три-четири часа на седници со маратонски дневни редови: ќе дадам солидна тројка, со сите резерви за некој плус или минус!

    Уште веднаш знам дека за оваа оценка ќе ми се налутат и позицијата и опозицијата во Советот на Општината. Опозицијата, со своето по дефиниција природно право да ,,контрира‘‘, на своите политички противници редовно им пишува тврда единица, а позицијата има комоција да си пишува петки и да си врви по патот од прикаската за карванот и кучињата. И, тука нема лутиш. Има лутиш кога од Општинскиот парламент се сака да се прави нешто што не може да се направи: да се стане гратска ропотарница по секоја цена. Да се имитира државниот Парламент кому пак исто така не му успева да ,,глуми‘‘ парламети од Англија или Бугарија, на пример. Таквите обиди на нашите општински парламентарци главно резултатираат со бескрајни здодевни контри, на ,,пуки‘‘ напади и одбрани на централната власт, небаре таа ќе падне или ќе опстои од тоа дали неколкумина советници  постојано ја напаѓаат, а други двајца опозиционери ќе ја бранат. Освен ако посочените искрено веруваат дека навистина нешто значајно одработуваат за својата партијане или пак за себе. Кога веќе сме на ова, еден мал парадокс: најмолчаливиот советник од општинската опозиција, стана пратеник, а неколкумина од најгласните ,,букачи‘‘ од СДСМ и ВМРО не беа удостоени ни со кандидатури на пратеничката листа. Што побргу се сфати дека покажувањето пред партиските шефови најмалку зависи од изнасилени воспевања или бербатења во таму некои провинциски собранија (Скопје е центар на светот) - тоа подобро!  Децентрализацијата на власта му е мајката, господа советници ако сте решени на вашите седници да одработувате за граѓаните кои ве гласаат. А на тоа, да ми простите, многу малку работите. Трошите многу време и енергија на непотребни дискусии и им давате материјал со или без право да ве лајат едикоиси ,,сезнајковци‘‘ од типот на долу потпишаниот.     

                        Столе Божиновски