20. Jan 2012 15:26 Спасовски: Мора да престане голготата на болните
Пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ денеска побара од надлежните здравствени институции во градот и државата, под итно да го решат проблемот со ноќните дежурства, за да не се доведува во прашање здравјето на граѓаните.
Тој смета дека Куманово како најголема општина не заслужува да биде единствен град во државата кој нема ноќна служба во Здравствениот дом.
И покрај тоа што имаме исклучително лоши здравстевани услуги во Општата Болница и во Здравстевениот дом, мислам дека е недозволиво 110 иљади жители да останат без ноќна служба. Има реакции од матичните лекари дека тие немаат соодветен третман за решавање на проблемот и покрај тоа што уште пред 1 месец барале решение од надлежните. Матичните лекари дежураат во несоодветни услови во Итната помош, во една просторија од 16 квадрати двајца лекари вршат прегледи. Тоа е надвор од сите стандарди и затоа сметам дека Министерството за здравство и директорот на Здравствениот дом не смеат да бидат индиферентни кон овој проблем и треба што поскоро да го решат. Само така ќе докажат дека институциите што ги води партијата на власт не се во тотален хаос, и дека имаат капацитет да излезат на крај со проблемите -вели Спасовски.
Пратеникот решението го гледа во вработување на 4 лекари за потребите на ноќната служба, по што ќе прекине голготата на пациентите кои имаат потреба од лекарска помош во ноќните часови.
