12. Oct 2011 16:36 Тепани сватови побараа помош од Општината

 Жителите од улицата „Трета МУБ„, кои живеат спроти зградата на поренешен ЗИК, денеска се сретнаа со градоначалникот, претставници од СВР Куманово и наставниците од гимназијата „Сами Фрешери„, при што побараа да се зголемат безбедносните мерки во тој реон, поради недолично однесување на учениците, кои го реметат јавниот ред и мир, а мината недела предизвикале инцидент на една  свадба.

Thumbnail

  Засегнатите граѓани кажуваат дека нападот на сватовите ја прелеал чашата на нивното трпение и толеранцијата за некултурното и нецивилизирано однесување на учениците од средните училишта. Тие покрај што фрлале ѓубре по улиците и создавале неподнослива врева,  и провокативно се однесувале кон жителите,  поради што тие морале да побараат помош од надлежните институции.

Состанокот беше во превентивна насока, откако се создаде негативна енергија во тој реон, бидејќи тој простор нема капацитет за толкаво училиште. Нетрпеливоста настана бидејќи локалното население навистина има проблем од толкава концентрација на луѓе. Затоа се договоривме да побараме од Министерството за образование да се додели уште една зграда за средно училиште во касарната Христијан Карпош, а за почеток училиштето ќе го обезбедува агенција и ќе се постават и камери. Исто така побаравме од полицијата да го зголеми присуството во текот на одморите, се со цел да нема повеќе инциденти- рече градоначалникот  Зоран Дамјановски.  

   Инцидентот на свадбата се случил во петокот попладне, кога поголема група на ученици не сакала да се тргне од улицата  да поминат сватовите со автомобили. Тогаш настанала тепачка, при што учениците сакале да се пресметаат со сватовите.  Полицијата спречила да ескалира пресметката, но најдебелиот крај го извлекол младоженецот, кој добил неколку тупаници по лицето. Случајот бил пријавен во СВР Куманово, но не се најде во дневните билтени на полицијата испратени до медиумите.