16. Oct 2011 22:37 ВМРО-ДПМНЕ: Општината пералница на пари на СДСМ
Унијата на млади сили на ВМРО- ДПМНЕ денеска напладне организираше пародија на сметка на работата на градоначалникот Зоран Дамјановски и локалната администрација, нарекувајќи ја Општината пералница на пари.
Со поставување на машина за перење на алишта, и пароли на Градскиот плоштад, тие обвинија дека градоначалникот во изминатиот период покажал како не треба да се работи, и како не треба да се управува со народните пари.
Дека состојбите со пералницата за пари наречена општина Куманово се повеќе од алармантни покажува и фактот дека таа е една од најкритикуваните општини од страна на Државниот завод за ревизија, за нејзиното финансиско работење. Да потсетиме дека градоначалникот во неколку наврати беше отворено сомничен дека врши матни зделки со парите на граѓаните на Куманово. Останавме без одговор кој лаже - Северина или градоначалникот, и дали нејзиниот хонорар за новогодишната вечер е 30.000 или 80.000 евра? Истиот тој градоначалник доби и кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување за префрлањето позајмица на јавното претпријатие „Чистота и зеленило„, без адекватни одлуки на општинскиот Совет- рече Срѓан Ивановски претседател на Унијата на млади на ВМРО-ДПМНЕ.
Ивановски тврди дека Дамјановски го покривал недомаќинското работење на директорите на СДСМ, пред се во ЈП „Водовод„ со кое управува неговиот кумашин, додека вработените со месеци не земаат плата.
Зоран Дамјановски успеја Општината Куманово да ја претвори во прифатен центар за блиските роднини, братучеди, кумашини, поранешни и актуелни функционери од СДСМ и нивните коалициони партнери, се со една цел да го помогнат и покријат неговото недомаќинско и катастрофално менаџирање на Општината. Но и тие не можат да го прикријат фактот дека општината Куманово се претвори во една голема перилница за пари од која корист имаат само мал број луѓе- изјави Ивановски.
