12. Sep 2011 14:20 Кириленко ја посакува Литванија за противник!
Денеска на програмата е последното коло од втората фаза на ЕвроБаскетот во Литванија. Во вечерниот термин се среќаваат Русија и Македонија.
Дали Русите ќе тактизираат вечерва е главното прашање кое се поставува во кошаркарската јавност. Изјавата на најдобриот руски кошаркар Андреј Кириленко дава основа за такво сомнение.
Нам ни одговара офанзивната игра без цврста одбрана на домаќинот на турнирот, за разлика од тврдата игра и битката за секој поен со Србите - изјави Кириленко во пресрет на дуелот со Македонија.
Сеедно ми е дали во четвртфиналето ќе играме со Србија или Литванија. Ако ме прашувате мене, јас би ја избрал Литванија - додаде русинот подвлекувајки дека е поубаво да се игра пред 15000 гледачи одколку пред празни трибини.
Македонската репрезентација има проблем со повредите пред овој натпревар. Покрај огромната желба, Тодор Гечевски нема да настапи на мечот со Русија. Предраг Самарџиски се здоби со удар во коленото во мечот со Словенија што резултираше со оток и болка која ги ограничува неговите движења а Мекејлеб сеуште се жали на болките во р’бетот.
Поради кратката клупа и збиениот распоред се чувствува замор во нашата репрезентација.
Дали вечерашниот меч ќе бидне искористен за одмор на првотимците, како што тоа го стори селекторот на Франција, или ќе бидне вистинска борба за првото место, останува да видиме вечерва во 20:00.
