03. Sep 2011 19:16 Македонија убедливо ја совлада Грција
Македонија ја забележа и својата втора победа на Европскиот шампионат во Литванија. Кошаркарите издвојуваа значајна победа против репрезентацијата на Грција со резултат 72:58.
Натпреварот беше тесен и неизвесен се до третата четвртина. Водството често се менуваше а добрата одбрана не дозволуваше ниту една од репрезентациите да направи поголема разлика од 5 поени.
Во последниот период Мекејлеб беше нерешлива енигма за грчката одбрана. Најпрвин два пати беше прецизен од линијата за слободни фрлања, а потоа постигна поени од контра напад. Ѓорѓи Чековски погоди тројка за резултат 49:57, и тоа е првата поголема предност на натпреварот. Грците брзо влегоа во бонус, така да продорите на Мекејлеб завршуваа на линијата за слободни фрлања од каде тој беше речиси непогрешлив. Мала нервоза во тимот настана одкако Антиќ, Самарџиски и Гечевски по сомнителни судиски одлуки заработија по четири лични грешки.
Грција со постигнати две тројки се обиде да се врати во натпреварот, но одличната игра во одбрана на македонските кошаркари не им го дозволи тоа.
Македонските репрезентативци рутинирано го привршија натпреварот, кој заврши со конечен резултат 72:58.
Убедливо најефикасен на натпреварот беше Лестер Бо Мекејлеб со 27 поени, Перо Антиќ со 12 поени, а веднаш зад капитенот се Чековски и Гечевски со 11 поени.
Кај Грција најефикасен беше Фоцис со 16 и Борусис со 10 поени.
Утре, репрезентацијата на Македонија го игра клучниот меч со незгодната репрезентација на Финска, и со победа во тој меч, Македонија се пласира во следната фаза од натпреварувањето.
