14. Sep 2011 22:31 Македонија во полуфинале
Македонските кошаркари направија најголема сензација на Еуробаскетот, бидејќи во четвртфиналето го елиминираа домаќинот Литванија со 67:65. Во полуфиналето ќе играме против Шпанија.
Литванците водеа од самиот почеток, но нашите репрезентативци со својата пожртвувана игра, не дозволуваа да се одлепат и првото полувреме заврши со 34:30 за Литванија.
Македонската репрезентација ја предводеше разиграниот Бо Мекејлеб со дури 14 поени во првите 20 минути, но проблем за нив претставуваше големиот број на фаули, дури три, со кои Перо Антиќ влезе во продолжението на мечот и остана на паркетот до крајот на дуелот.
И во третата четвртина е видена вистинска резултатска неизвестност, кога избраниците на Марин Докузовски прв пат поведоа на натпреварот со 42:41 во 25 минута, а потоа неколку пати успејаа да бидат изедначени со домаќинот, но во последната десетина влегоа со 52:49 за Литванија.
До крајот се водеше многу неизвесна и изедначена борба, а Литванците ја одржуваа предноста се до последниот минут.
Прво Самарџиски беше невнимателен под својот кош и ја изгуби топката, за да клучниот момент кој го одлучи победникот се случи на 11 секунди до крајот, кога Мекејлеб беше непрецизен, но тогаш Литванците направија грешка во додавање, која ја искористи Илиевски и надвор од линијата 6,75 ја доведе македонската репрезентација во водство 66:65.
Илиевски исто така погоди и едно слободно фрлање на 0,5 секунди до крајот, по што нашата репрезентација започна да го слави триумфот со навивачите кои на трибините ги чуваа редари, за да не дојдат во контакт со домаќините.
