18. Sep 2011 19:17 Македонија заврши четврто-пласирана на Европското првенство
Репрезентативците на Македонија не успејаа да ја совладаат Русија во борбата за бронзениот медал. Дамјан Стојановски е трагичарот на овој дуел, кога ја испушти топката која носеше нерешен резултат за Македонија.
Најсилното оружје на нашата репрезентација, одбраната не функционираше не овој натпревар. 22 офанзивни скока забележаа руските репрезентативци од вкупно 43, додека Македонија имаше вкупно 25. И Русија имаше свои проблеми во нападот, па бројот на скокови на при конечниот резултат не доаѓа до израз. Натпреварот беше тесен и неизвесен со благо водство на Русија, кое беше достижно за нашите репрезентативци.
Последната минута од натпреварот русите поведоа со резултат 68:70.
Нашите кошаркари го имаа последниот напад, при убаво организирана акција, Дамјан Стојановски остана сам под кошот но му се лизна топката и неуспеја да го изедначи резултатот. Руските играчи беа приземни, остварија скок при што Швед беше фаулиран. Тој ги погоди последните две слободни фрлања, и го постави конечниот резултат 68:72.
Андреј Кириљенко беше најуспешен играч кај Русија со 18 поени и 7 скока. Бо Мекејлеб постигна 22 поени и 4 украдени топки и е најдобар играч во нашата репрезентација.
Кошаркарите на Македонија се сензација на Европското првенство во Литванија, и никој не им предвидуваше висок пласман на оваа првенство. Со четвртата позиција се пласираа на турнирот во кој ќе се борат за пласман на Олимписките игри во Лондон 2012 година.

