14. Sep 2011 17:44 Општината доби организиран градски превоз
Компаниите „Оли-травел„, „Јоцо-турс„, „Штуз„ и „Глобус„,во наредните 5 години ќе ги превезуваат патниците на градските линии во општината. Со 55 современи автобуси и минибуси, автопревозниците-партнери ќе покриваат 32 линии во градот и приградските населби.
Дозволите за вршење на градски линиски превоз, како организирана дејност од јавен интерес, денеска ги врачи градоначалникот Зоран Дамјановски, по завршување на јавниот повик.
Работата ја добиа автопревозниците кои ги исполнуваат сите услови пропишани со закон за линиски превоз на патници. Значи ги одбравме најдобрите, оние кои имаат возен парк со автобуси и комбиња по утврдените стандарди Еуро 2 и Еуро 3, и кои можат на граѓаните да им обезбедат безбедно патување. Се она што се случуваше во изминатите години, во сообраќај да се вклучат не проверени возила веќе е минато. Превозниците имаат обврска да се придржуваат на пропишаните правила и да понесат одговорност доколку не ги применуваат- рече градоначалникот Дамјановски.
Една од обврските на автопревозниците е да инвестираат во развојот на градскиот собраќај со поставување на покриени автобуски постројки со карта на линијата каде се одвива сообраќајот, и да обезбедат бесплатен превоз еден ден во неделата за пензионерите.
Голема е честа е што локалната самоуправа ни ја даде довербата, но уште поголема е обврската што произлегува од договорот што денеска го потпишавме. Затоа ги повикувам граѓаните да помогнат во имплементација на договорот, и заеднички да го подигнеме нивото на линискиот превоз како што доликува на град како Куманово -изјави Оливер Стефановски директор на Оли-травел.
Тој најави дека компаниите ќе издаваат месечни билети за граѓаните, кои ќе можат да ги користат на сите линии во Општината, а ќе има и посебни поволности за средношколците и основците. Граѓаните ќе ги препознаат автобусите на лиценцираните превозници, по амблемот-грбот на Општина Куманово, кој ќе биде истакнат на двете страни на нивните автобуси и минибуси.

Сопственикот на Штуз Борис Трајковски, потсети дека ова е единствена можност да се стави ред во градскиот сообраќај, да се обезбеди сигурноста во превезувањето на патниците, да се сочува животната средина и да се полни буџетот на Општината.
