30. Sep 2011 15:25 Ромите најмногу бараат азил
Во август годинава има регистрирано 22 лица баратели на азил, само на граничниот премин Табановце. Најголем број се Роми, со дури 85 проценти, а по нив доаѓаат Албанците.
На иницијатива на ромските невладини организации од Куманово, „Даја", „Арка" и „Ангулипе" во Куманово синоќа се одржа работна средба на тема „Визна либерализација“ со учество на претставници од Министерството за внатрешни работи кои ги презентираа преземените мерки за спречување на злоупотребата од визната либерализација.
Според презентираните податоци на трибината најголем број од барателите на азил досега биле Роми со 85 процент, а 10 проценти Албанци. Во август годинава има регистрирано 22 лица баратели на азил, информира Валентина Димовска, самостоен инспектор во Регионалниот центар за гранични работи север.
На трибината беше потенцирано дека МВР презема репресивни, но и превентивни мерки кои што се предвидени за спречување на визната либерализација. И покрај преземањето на сите превентивни мерки кои што вклучуваат едукација, работилници, трибини, има зголемен број на депортирани лица коишто претходно заминале и не ги запазиле условите за визна либерализација. Најчесто овие лица го пречекориле престојот, илегално се вработиле и барале азил.
- Видливи се резултатите од превентивните мерки кои ги преземаме. Планираме на едукативните работилници што ќе се одржат во иднина целна група да ни бидат младите од 20 до 30 годишна возраст, поради фактот што токму ова популација се јавуваат како баратели на азил, појасни Димовска.
Дилбера Камберовска од „Даја" наведе дека сепак во одредени случаи од граница се враќаат и лица чија што цел на патување биле престоју кај родни или сезонска работа во соседните држави и земји од регионот.
